Македонскиот првак Вардар во првиот дуел од осминафиналната фаза во Лигата на шампионите загуби со 22-30 од Веспрем и унгарскиот тим веќе може да се подготвува за четвртфинале. Дуелот во Скопје е прв во двомечот од осминафиналната фаза во Лигата на шампионите, победникот ќе се соочи со Алборг во рундата пред Ф4.
Вардарци започнаа одлично во одбрана, но покрај и цврстата игра и пожртвуваноста, Мае успеа да го постигне првиот гол за гостите, а потоа и од контра да им донесе на гостите предност од 2-0. „Црвено-црните“ бргу се консолидираа, и со почетниот удар од далечина на Талески ја отворија низата голови која им донесе предност од 4-2 во 9 минута. Во овој период Веспрем направи низа грешки во нападот, имаа неколку непрецизни додавања кон пивотот и крилата, а на спротивната страна Вардар пробиваше на линијата од 6 метри.
Веспрем дури во 10 минута повторно успеа да го совлада Томовски, а резултатот на семафорот беше 5-3. Во следниот напад одличниот македонски репрезентативец Филип Талески повторно од далечина го матираше гостинскиот голман, Коралес. Затоа разликата се задржа на „плус три“ за Вардар. Безидејната игра на Веспрем во нападот го принуди тренерот Илиќ да го повика првиот тајм-аут.
Средината на првиот дел помина во знакот на Веспрем, „црвено-црната“ одбрана немаше решение за корпулетниот пивот Нилсон, двете екипи направија неколку технички грешки, а во 23. минута токму преку четвртиот гол на Нилсон, Веспрем го изедначи резултатот, а потоа по воведните 0-2, поведе со 9-10 (24. минута).
Веспрем како започна, така и го финишираше првото полувреме, прво Ненадиќ од пенал ги врати гостите на „плус два“, а Македа од контра на две минути до крај ги постави првите три голови разлика за унгарскиот вицепрвак. На спротивната страна единствен расположен играч беше Филип Талески, па затоа разликата во самиот крај на првото полувреме Веспрем имаше највисока предност. Преку Лекај ги постави највисоките четири голови разлика за 11-15.
Вардарци на стартот на вториот дел намалија преку Ѓукиќ, 12-15, но потоа домашниот напад влезе во црна дупка. Погодуваа Лекаи, Македа, Ненадиќ…за највисоки 12-20 по 40 минути игра. Домашните ракометари имаа прилики за гол, но или погодуваа пречка или Коралес ги бранеше нивните удари.
Дури по 13 минути игра во вториот дел капитенот Стоилов стрелаше во голот на Веспрем за 13-20. По 15-24, вардарци врзаа два гола во серија, но тоа не беше доволно за да се загрози високата предност на унгарскиот тим. Гостите се вратија на безбедна разлика и до крајот само рутински ја одржаа разликата за конечни 22-30.
Голманот на Веспрем, Родриго Коралес собра 17 одбрани, а Владимир Цупара одбрани три седмерци. Нилсон со осум и Ненадиќ со шест беа најпрецизни кај гостите, додека кај Вардар се истакнаа само Талески и Дибиров со по шест погодоци.