Ракометарите на Вардар продолжуваат со 100% учинок во плеј-оф фазата од Суперлигата, откако на свој терен беа убедливи против Бутел, триумфираа со 36:18.
За Вардар денешниот натпревар беше загревање за сехалигашкиот дуел против екипата на Партизан. Вардарци реванш дуелот од регионалното натпреварување против Партизан ќе го одиграат на 28 февруари во Белград.
Избраниците на Кристијан Грчевски влегоа мотивирано во дуелот со актуелниот шампион на Македонија и речиси до првата половина од првиот дел успешно му парираа на домаќинот. По нерешените 3:3, гостите со погодоците на Мартин Манасков и Мајиќ зголемија на плус два гола разлика, 5:3, но не успеаја да се прилагодат на динамичната игра на ,,црвено-црните”.
Вардар со серија од 4:0 го презеде водството во свои раце, поведе со 7:5 и до крајот на првиот дел лесно се справуваше со составот на Бутел, кој влезе во криза. Гостинот откако покажа добра игра во воведниот дел, како да подзастана во последните десет минути од првото полувреме и во период домашниот тим го искористи падот на гостите и успеа победата да ја завери уште во првите 30 минути.
Како одминуваше времето растеше предноста на домаќините, разиграни беа Моралес, Фереира, Ќосевски… и со неколку серии ракометарите на Недановски ја зголемуваа разликата во своја корист и на пауза заминаа со убедливо водство од 16:8.
Во продолжението Недановски шанса им даде на останатите ракометари од клупата кои ја оправдаа довербата, одиграа дисциплинирано во нападот и направија поубедлива разлика. Тимот на Бутел веќе капитулираше во првото полувреме и во вториот дел се трудеше да ја подобри играта и да ги сведи грешките на минимум.
Вардар последниот период го одработи рутински, додека составот на Бутел никако не можеше да ја преполови негативата, па така целосно се измешаа поставите кај двата табота. Домашниот тим во финишот влезе со предност од 30:17 и го водеше натпреварот до убедлив триумф.
Одлична партија во победничката екипа одигра Дејан Манасков, постигна 11 гола, сите во второто полувреме. Во поразениот табор најефикасни беа Владимир Јевтиќ со пет и Мартин Манасков со четири реализации.