Екипите на Вардар и Стружанка ќе играат во финалето на Ф4 турнирот во кадетската лига откако во полуфиналните дуели беа подобри од Феникс, односно Шампион. Актуелен бранител на титулата е Стружанка.
Вардар во првото полуфинале го совлада битолски Феникс, со резултат 30:25 (14:12). На ланскиот Ф4, „црвено-црните“ го освоија третото место.
Најефикасни во редовите на Вардар беа Сара Стојанова, Бојана Радевска, Сара Стефановска и Бојана Коцева со по пет погодоци. Репрезентативката на Македонија, Емилијана Ризоска со 12 погодоци ја предводеше листата на стрелци во поразениот табор.
Противник на Вардар во финалето ќе биде организаторот на Ф4, Стружанка, која во второто полуфинале го совлада Шампион со 24:21 (13:11).
Стружанка беше предводена од Марија Гулабоска и Маја Раткушиноска, кои постигнаа по шест погодоци. Во составот на Шампион најефикасни беа Сара Трајков со осум и Михаела Кралева со шест погодоци.
Натпреварот за 3 место, во кој ќе играат екипите на Феникс и Шампион, е закажан за 18:00 часот, додека финалето меѓу Стружанка и Вардар ќе се одигра со почеток од 20:00 часот. Натпреварите ќе се играат во салата при СОУ „Нико Нестор“ во Струга.