Ракометарите на Вардар после паузата за ЕХФ неделата иако некомплетни без проблеми успеаја да стигнат до победа на гостувањето во Загреб кај тимот на Пекинг Универзитет и да дојдат до победа од 36:28.
Вардарци уште од првата минута наметнаа свое темпо. Кокшаров брзо виде дека нема да има проблеми односно дека ќе може да им даде шанса на помладите ракометари кои играат и за Вардар јуниор, па можеше да ги одмори играчите од првата постава.
Кинезите успеаја некаде до 19. минута да издржат на негатива од 3-4 гола разлика. Во оваа минута имаа 7:10, а тука Вардар почна да го засилува темпото и постојано да ја зголемува предноста. Истата растеше постојано и до крајот на првиот дел се искачи до 21 погодок.
Второто полувреме веќе беше формалност. Немаше потреба од преголемо форсирање бидејќи предноста од 11 гола од првото полувреме беше и повеќе од доволна за убедлива победа. Успешно се чуваше предноста која постојано беше околу десет гола така што во ниту еден момент противникот не можеше да намали повеќе и да дојде до подобар резултат.
Тоа овозможи Вардар да се избори за висока победа и на втората пресметка против Пекинг Универзитет, но воедно и помладите да добијат минутажа и да го зголемат бројот на постигнати погодоци. Во завршницата дојде до мало опуштање, но и тоа не беше проблем за убедлив триумф од 36:28.
ПЕКИНГ УНИВЕРЗИТЕТ – ВАРДАР 28:36 (10:21)
Сала: Дом на спортовите во Загреб. Судии: Матија Губица и Борис Милошевиќ од Хрватска. Делегат: Јосип Посавец од Хрватска.
ПЕКИНГ УНИВЕРЗИТЕТ: К. Хе (3 одб.), Лиу (5 одб.), Јиавеи Жанг 0/2, Ж. Хе 1/3, Чангжег, Кси 4/6, Ју Ванг 6/9, Ху, Жаолијанг, Гу 1/2, Хуанг 6/8, Цао 3/3, К. Ванг, Ченг 2/2, Ј. Ванг 4/6, Јианји Жанг 1/3.
Седмерци: 4/5, Исклучувања: 4 мин.
ВАРДАР: Кугис 1/1 (7 одб., 1 сед.), Кизиќ (2 одб.), Гедбан, Кукуловски 4/7, Димитриоски 6/7, Кристопанс 3/3, Карапалевски 4/4, Пелко 7/7, Дисингер 2/2, Калараш, Чупиќ 2/6, Дибиров 0/1, Ќосевски 7/10.
Седмерци: 4/4, Исклучувања: 2 мин.