Европскиот шампион Вардар по третпат ќе има додавка во името и од 1 јуни ќе се вика Вардар 1961. Тој го потврди претседателот Михајло Михајловски кој веќе сериозно работи на санирање на клубот, превземање, засилување и продолжување онаму каде застанаа „црвено-црните“. Плановите се слични, титули во СЕХА лигата, во Топ-8 во Европа, атак на Ф4 и двојни титули во Македонија.
Надополнување на името нема да биде ништо нов за клубот. Претходно „црвено-црниот“ тим ги имаше додавките Ватростална и ПРО, со кои исто така се натпреваруваше во европските купови. За разлика од Ватростална, која беше спонзор и компанијата на Михајловски, за додавката ПРО многумина и не знаат што навистина значи. Во тоа време кога Ватростална се повлече од името ПРО требаше да биде место заменето со некој нов спонзор, но бидејќи немаше генерален спонзор си остана така – ПРО.
До сезоната 2004/2005 Вардар ја имаше додавката Ватростална, а со неа стигна до полуфиналето на Купот на победниците на куповите, каде беше елиминиран од Адемар Леон. Додавката ПРО, Вардар ја имаше до сезоната 2013/2014, кога клубот го презема Сергеј Самсоненко, а „црвено-црниот“ тим со додавка ПРО стигна до полуфиналето на КПК, но беше елиминиран од Загреб.
Вардар ќе биде нов субјект од 1 јуни во рацете на старо-новиот сопственик Михајло Михајловски, кој веќе ги задржа клучните ракометари од лани, а веќе се познати и три засилувања – Санталов, Јагуриновски и Кантагрел.
Користењето на додавки не е ништо ново за македонските клубови. Пелистер своевремено ги користеше додавките Жито Битола, Еврокар, Кометал, а сега е Еурофарм Пелистер. Па Радовиш беше Фаворилт Машини за Перење Радовиш, Тутунски Комбинат ја имаше додавката БРЕНД…
Сега со договорот за превземање на клубот, Вардар ќе ги задржи спортските симболи и ќе ги наследи спортските резултати, титулите, трофеите, признанијата. Така беше и кога Самосненко го презеде клубот во 2013 година. Сега повторно нов ќе биде субјектот, брендот останува ист – ВАРДАР.