Во натпревар со многу голови ракометарите на Вардар и Елверум одиграа без победник со нерешени 34:34 во дуел од Групата А во Лигата на шампионите.
Натпреварот тргна ефикасно уште од првиот напад. Ова беше средба која се играше речиси без одбрана бидејќи имаше постојано погодоци и тоа наизменично. Елверум беше во предност до средината на првото полувреме, а Вардар успеваше да израмни. Тоа водеше кон натпревар во кој ќе решава гол или два.
На средината на полувремето вардарци првпат поведоа, а потоа следуваа уште две измени на тимот кој е во предност. Гостите успеаја да стигнат до предност пред заминувње на одмор и на паузата имаа 21:20.
Второто полувреме тргна во ист стил. После пет минути игра во него вардарци поведоа со 23:22, а после осум имаа 25:23. Ова најави интересно продолжение на средбата во кое „црвено-црните“ добија огромна поддршка од Марко Кизиќ. Младиот голман го затвори својот гол до 40. до 50. минута, а тогаш Вардар дојде до 29:25.
Овие четири гола се чинеа како сосема доволни за да може да се одигра на победа до крајот на средбата, но брзо се влезе во криза. Неколку лоши напади овозможија простор за игра на противникот, а таквата игра им даде шанса на противниците кои во 56. минута стигнаа до израмнување на 31:31.
Вардар успеа да биде одново во водство, но Елверум израмнуваше. На нешто повќе од минута при 34:33 за Врадар, Грондал изведе седмерец и го промаши целиот гол. Веќе во следниот напад Стоилов имаше меч топка, но голманот Торстен Фрис одбрани, па Елверум напаѓаше за реми. Петерсен успеа да најде простор за да бие од далечина, топката заврши во голот за конечни 34:34.