После првите 30 минути во новата сезона од Лигата на шампионите екипата на Вардар има негатива од два гола против Мешков Брест. Белорусите водат со 12:10 така што во вториот дел ќе биде уште поинтересно.
Од почетокот се виде мотивираност во играта на Вардар. Ракометарите влегоа сериозно во средбата и најавија добра игра. Успеваа на моменти и да бидат подобриот ривал така што резултатот беше израмнет.
После десет минути игра, Мешков Брест имаше два гола предност и водство од 5:3, но набрзо вардарци со одлична игра дојдоа до пресврт и поведоа со 6:5. Тука дојде до застој, а после 7:7 во 19. минута домашните влегоа во серија.
За пет минути казнија неколку грешки на вардарци, па лесно дојдоа до 11:7 така што ова беше момент за аларм кај актуелниот првак на Европа. Полека се врати ритамот и на три минути до крајот на полувремето беше 11:9 за Мешков Брест. Сепак, не беше искористена шанса за минус еден, па Пачковски донесе 12:9. Дисингер брзо успеа да врати, така што го постави резултатот од 12:10 на паузата.
Инаку, вардарци имаа напад и за гол негатива, но повторно не успеаја да реализираат.
После првите 30 минути најефикасен играч на Вардар е Марко Вујин, кој има четири гола. Двапати погоди Ловро Јотиќ, а по еднаш прецизни беа Дибиров, Чупиќ, Гаџа и Дисингер. Во Мешков Брест, Вајлупов со четири гола беше прв стрелец.