Ракометарите на Вардар одиграа солидно прво полувреме во кое имаа периоди на добра игра и периоди на грешки поради кои на одмор резултатот е 13:13:
Натпреварот тргна во грч од страна на вардарци кои не можеа пет минути да го совладаат голманот на Елверум, Торстен Фрис кој набрзина собра четири одбрани, од кои еден беше удар од седум метри. Сепак, за ова време врати и Томовски, па Елверум имаше само 2:0.
На ова следуваше реакција со два гола од „црвено-црните“ и воспоставување рамнотежа така што можеше да се игра во добар ритам.
Се бараше игра во која ќе се дојде до предност, а одбраната доби добра поддршка од Томовски, кој за 20 минути игра имаше седум интервенции што помогна да се дојде до контрола на теренот. Добрата игра во нападот при што ефикасен беше Кевин Њокас донесе предност од три гола после 22 минути, кога Вардар поведе со 11:8. Во следниот напад се дојде и до 12:8 и можеше мирно да се оди кон крајот на првите 30 минути.
Сепак, овие четири гола беа загубени после неколку грешки во завршницата на првото полувреме. Елврум ги казни грешките и дојде до 13:13 така што никој нема предност на почетокот на второто полувреме.
Во првиот дел, Томовски има осум одбрани. Тото е најефикасен со четири гола, додека Кевин Њокас има три. Два гола постигна Гаџа, а по еден имаат Георгиевски, Дибиров, Валчак и Моралес. Во тимот на Елврум, Грондал е најефикасен со четири гола, додека голманот Фрис има седум интервенции.