Ракометарите на Нексе во првиот натпревар во новата сезона од регионалната СЕХА лига гостуваат кај македонскиот шампион Вардар во рамките од Групата Б.
Натпреварот против „црвено-црните“ ќе биде одлична можност за избраниците на Бранко Тамше да ги проверат силите пред важниот дуел против Екс ан Прованс во Лига на Европа.
Тренерот на Нексе, Бранко Тамше имаше позитивни комплименти за актуелниот шампион на Македонија и најави голема борба за освојување на првите бодови во новата сезона од СЕХА лигата.
„После натпреварот во Дубровник веднаш продолжуваме за Скопје каде ќе го одиграме првото коло од СЕХА лигата. Му гостуваме на Вардар, ракометна институција за која не треба да се трошат зборови. Имаат нов тренер, сигурно ќе играат нешто поразлично во однос на периодот кога тренер им беше Веселин Вујовиќ. Вардар е тим со многу искусни и квалитетни играчи и сигурно е дека не чека тешка работа, но како и секогаш одиме на победа и два бода. Секогаш е големо задоволство да се игра во СЦ „Јане Сандански“. Се надевам дека епидемиолошките мерки ќе им овозможат на гледачите да дојдат на овој натпревар“, изјави Тамше.
Натпреварот меѓу Вардар и Нексе се игра в петок, на 4 февруари со почеток во 18:00 часот во СЦ „Јане Сандански“.