По неколкумесечна пауза, СЕХА лигата продолжува со многу важен натпревар, дуел со кој се одлучува кој ќе биде последниот учесник на Ф4 турнирот што се одржува во Задар од 4 до 6 септември. Вардар го пречекува хрватски Нексе, на реванш четвртфиналниот натпревар, а на првиот натпревар одигран во Нашице во март, Вардар победи со 31-30.
Домашниот тим влегува со мотив да ја продолжи традицијата од претходните осум сезони и повторно да игра за титулата во СЕХА. Вардар е еден од двата тима, заедно со Загреб што учествувале на сите досегашни Ф4 турнири, а македонскиот тим е најуспешниот со пет титули.
Победникот од двомечот меѓу Вардар и Нексе, во полуфиналето на Ф4 турнирот во Задар ќе го има тимот на Загреб како противник. И двата тима, Вардар и Нексе веќе играа во групната фаза, а хрватскиот шампион направи големо изненадување во декември 2019 година кога го совлада Вардар година со 42-26. Но, „црвено-црните“ отпатува за овој меч со втор тим и без ниту една ѕвезда.
Сепак, за разлика од мечот од март, сега двата тима ќе се натпреваруваат со различни тимови, особено Вардар. Неколку нови играчи пристигнаа во Скопје – Робен Кантегрел, Марко Вујин, Патрик Валчак, Анте Гаџа, Јосип Векиќ, Ловро Јотиќ, Томислав Јагуриновски, Филип Талески и Гоце Георгиевски.
Во подготвителниот период, Вардар одигра шест натпревари и двапати беше поразен од Еурофарм Пелистерм, а претходно играше на турнирот во Струга освојувајќи го второто место. Единствено капитенот Стојанче Стоилов ќе го пропушти натпреварот во Скопје поради вирусот Ковид-19 и тој веќе ги брои деновите во домашна изолација пред повторно да се врати на тренинзите.
Нексе потпиша со тројца нови играчи – Матео Родин, Александар Бакиќ и Доминик Кузмановиќ. Хрватскиот вицепрвак одигра девет пријателски натпревари и победи само на првите три, но ги загуби последните пет, двапати од ПИК Сегед, по еднаш од Требње, Чурго и Целје.
Натпреварот меѓу Вардар и Нексе се игра вечерва во СЦ „Јане Сандански“ со почеток во 20:15 часот.