„Вардар е голем клуб, но имаме шанси да го елиминираме“

Првиот официјален натпревар во новата сезона за тимот на Вардар ќе биде заостанатиот четвртфинален од регионалната СЕХА лига против хрватскиот Нексе.

Тимот од Нашице веќе одигра пријателски средби против Целје, Загреб и Спачва Винковци, а ќе игра и против Чурго и ПИК Сегед, па несомнено ќе има повеќе контроли отколку вардарци.

Тренерот Хрвоје Хорват не можеше да смета на повредените Јанко Кевиќ и Томи Возаб, но сепак е оптимист дека ќе се вратат на терен.

„Повредите се полесни и би требало до мечот да бидат подготвени, но ништо не е сигурно. За нас е тоа голем проблем бидејќи од средните бекови стартуваат сите напади. Ќе го извлечеме најдоброто што можеме, но и да не бидат тие спремни за Вардар, останатите ќе бидат добри“, вели Хорват за „РТЛ“.

Првиот дуел во Нашице го доби Вардар со 30-31 и има гол предност пред реваншот во СЦ „Јане Сандански“. Хорват вели дека Нексе има шанси да го елиминира Вардар.

„Секако дека не сме без шанси. Вардар е голем клуб, но имаше многу промени и се обиде да ги „закрпи“ дупките кои настанаа. Колку успеа во тоа, допрва ќе видиме, но наша предност е тоа што имаме воигран состав и не менувавме премногу“, заврши Хорват.

Натпреварот меѓу Вардар и Нексе се игра на 29 август во СЦ „Јане Сандански“ со почеток во 20:15 часот.