После паузата по првите три кола, вардарци врзаа два порази откако денеска загубија на гостувањето во Данска против Алборг со 29:33. Така после Монпелје и Алборг славеше над Вардар, па сега ситуацијата е поинаква отколку што беше пред 2-3 недели.
На денешниот натпревар Вардар имаше добри периоди, но исто така и лоши. Тргна под потребното ниво во натпреварот и со 0:3. Потоа следуваше подобра игра и контрола, но сето тоа беше главно поради растрчаноста и разиграноста на Тимур Дибиров. Тој играше одлично и погодуваше постојано. Го врати Вардар во игра, но освен што се израмнуваше неколкупати друго тешко можеше да се направи на натпреварот против Алборг.
Во финишот од првото полувреме ракометарите на тимот од Данска знаеја како да ја искористат деконцентрацијата на вардарци и на одмор се замина со 16:13 во корист на Алборг.
Почетокот на второто полувреме беше речиси идентичен како првото со серија погодоци на домашните. Алборг почна да го диктира темпото и да го зголемува водството. За шест минути игра Алборг имаше 21:14 и тука се чинеше дека сè е веќе готово.
Предноста се чуваше, а Вардар играше тешко. Не можеше да намали и долго се одржуваше негатива од шест или седум гола разлика.
Позитивните моменти дојдоа кога натпреварот почна да наближува до финишот, а Томовски запре неколку удари. Ги врати своите колеги кои почнаа да се бранат подобро, но и да реализираат, па со серија од четири гола Вардар намали на 27:29. Остануваа уште четири минути до крај, а Алборг веднаш зголеми на плус четири и ја зачува оваа разлика до крај за победа од 33:29.
ЛИГА НА ШАМПИОНИ – ГРУПА А
ТАБЕЛА