Ракометарите на Вардар губат по првото полувреме од Веспрем со 18-13 на реванш натпреварот од осминафиналето во Лигата на шампионите и се чини дека ќе се повтори приказната како на дуелот во Скопје
Дибиров отвори со погодок, но потоа серија од три гола на Веспрем, за 3-1. Првпат домашните имаа и предност плус три, 6-3, по десетина минути игра со голот на Ненадиќ.
Вардарци искористија две шанси и преку Моралес и Тото се вратија во игра, 6-5, но потоа примија брз гол од Мае за 7-5. Беше и минус еден за македонскот првак, 8-7 по проектилот на Талески.
Но тогаш две грешки, кои веднаш беа казнети и Веспрем се одлепи на 11-7. Во игра влезе Додиќ и малку ја размрда играта на вардарци, па нашиот тим полесно постигнуваше голови.
Во одбраната избраниците на Дејвис немаа решение за Нилсон, кој исто како и на првиот меч погодуваше без проблем. Разликата во продолжение се движеше меѓу три и четири гола предност за Веспрем.
На пет минути до крајот на првиот дел, Вардар згреши два пати по ред пак беше казнет набрзина за 17-11. Беше и 18-12, но капитенот Стоиилов реализираше, а потоа домашните не погодија и на пауза се замина со 18-13.