Ракометарките на Вардар обезбедија пласман во финалето од Купот на Македонија, откако во полуфиналето против Ѓорче Петров славеа со 30:27.
Во финалето Вардар силите ќе ги одмери со Куманово, екипа која што не играше полуфинале, бидејќи Металург го откажа настапот на Ф4 турнирот во Охрид.
Вардарки влегоа мотивирани во дуелот со ,,лавиците” и во неколку наврати во првите 15 минути имаa резултатска предност од ,,плус два”. Сепак, ракометарките на Царчев немаа поголема комоција во играта, па така екипата на Ѓорче Петров секогаш доаѓаше до израмнување и не му дозовлуваше на Вардар да се одлепи на повисока позитива во воведните десет минути.
Тимот на Вардар во воведниот дел на трипати имаше позитива од два гола разлика (3:1, 4:2, 5:3). По десет минути игра резултатот беше нерешен, 5:5, a во 15-та минута, исто така на семафорот стоеше нерешен резултат, 6:6. Ѓорчепетровки во желбата да направат пресврт се повеќе правеа грешки.
Ракометарките на Царчев беа максимално фокусирани и за само неколку минути игра, најпрво о ги вратија двата гола разлика, поведоа со 8:6, потоа со расположената Стефаноска стигнаа и до плус четири, 10:6. Овие четири гола позитива на ,,црвено-црните” го примораа тренерот на Ѓорче Петров, Симовски, да повика тајм-аут.
Вардар го продолжи фуриозниот налет и во 20-та минута зголеми на највисоките шест гола разлика, 12:6. Ѓорче Петров во завршните десет минути успеа да се консолидира, заигра поангажирано во одбраната и со серија од 5:0 намали на 12:11. Кризата во Вардар беше прекината со голот на Диневска, која во 25-та минута зголеми на 13:11. До крајот на полувреме двете екипи постигнаа уште по два гола, така што резултатот по 30 минути игра беше 15:13.
Иако Вардар на стартот од второто полувреме поведе со 16:13, сепак, тимот на Ѓорче Петров не се предаваше и по пет-шест минути игра го израмни резултатот на 19:19. Во споменатиот период со повреда се здоби ракометарката на Ѓорче Петров, Ана Марија Коларовска. Црвен картон во 40-та минута заработи членката на Вардар, Ивона Трпевска, која до тој момент беше втор стрелец во вардаровиот тим со четири погодоци.
По израмнетата игра следуваше серија од 2:0 на Вардар, кој се одлепи на 22:20. Во 45-та минута предноста на Вардар беше 24:21. Фаворитот на хартија никако не можеше резултатски да се доближи, грешките се зголемуваа и Вардар во последните десет минути влезе со предност од 26:22. По голот на Џатевска и 27:22 за Вардар, ракометарките на Ѓорче Петров стопија дел од предноста, се доближија на 27:25, но до крајот Вардар врза уште неколку гола и дојде до посакуваната победа.
Предводник во екипата на Вардар беше Сара Стефаноска со десет погодоци, по четири постигнаа Ивана Џатевска, Ивона Трпевска и Сара Миновска. Кај Ѓорче Петров се истакна Милица Николиќ со пет реализации.
Утрешното финале меѓу Вардар и Куманово ќе се одигра со почеток од 15:00 часот во СРЦ „Билјанини извори“ во Охрид.