Вардар го реши и Бутел, уште еден чекор до титулата

Екипата на Вардар во претпоследното коло од плеј-оф фазата во Супер лигата оствари рутинска победа на гостувањето во Бутел против истоимената екипа, со резултат 23:33. Вардарци веќе се на чекор да ја одбранат домашната титула, односно двојната круна, а за остварување на посакуваната цел ќе треба да триумфираат во последното коло против Тиквеш.

Ракометарите на Вардар со голот на Талески го отворија натпреварот за водство од 0:1 и во неколку наврати дозволија домаќинот да биде во резултатска игра, иако, избраниците на Давид Дејвис рутински го контролираа резултатот во текот на сите 60 минути.

Вардарци полека ја градеа својата предност, во 15 минута дојдоа до водство од плус четири, 5:9, но избраниците на Кристијан Грчевски со три гола во низа намалија на само еден гол, 8:9. Тоа беше последниот обид на домаќините да направат нешто повеќе бидејќи во последните петнаесетина минути од првиот дел „црвено-црните“ со подобра ангажираност постепено го откажуваа домаќинот. На полувреме резултатот беше 12:16 за Вардар.

Во вториот дел поставите на теренот се измешаа, но тоа многу не го промени резултатот. По десет минути игра во вторите 30 минути, водството на Вардар беше плус пет гола разлика, 17:22. Домашниот тим намали на само 19:22 со погодоците на Давитковски и Мајиќ и во последниот период од дуелот веќе беше јасно дека бодовите ќе ги освои гостинската екипа, која ја казни секоја грешка на домаќинот и дојде до убедлива победа.

Најефикасен во таборот на Вардар беше Тимур Дибиров со седум погодоци. Прв стрелец кај Бутел беше Мирко Мајиќ со пет, додека Кристијан Давитковски имаше пет реализации.