Младиот српски бек Матија Николиќ успешно ги помина лекарските прегледи и потпиша двегодишен договор со Вардар, со можност за плус уште една. Тој веќе работи со екипата во Скопје и ќе продолжи на подготовките за новата сезона.
Вардар сезонава ќе има подмладен тим особено на бековската позиција. Николиќ е третото засилување за „црвено-црните“, по левото крило Марко Срдановиќ кој исто така потпиша двегодишен договор со скопјани.
Николиќ има 22 години и во последните три сезони настапуваше во словенечкиот шампионат каде го носеше дресот на Шкофја Лока. Таму се пресели во сезоната 2020/21, и тогаш на 26 меча даде 75 гола.
Сезонава исто така играше во Словенија и на 25 натпревари постигна 80 погодоци. Додека играше во Србија беше дел од Црвена Ѕвезда. Во своето „си-ви“ има настапи и за младинската репрезентација на Србија.
На подготовките на Вардар има уште неколку засилувања кои треба да ги минат лекарските прегледи пред да ги потпишат и официјалните договори со клубот.
Вардарци покрај подготовките во Скопје ќе заминат и на висински подготовки на Маврово, и ќе настапат и на турнирот во Струга. Во меѓувреме ќе одиграат и неколку пријателски натпревари.