Екипата на Вардар од денеска е посилна во бековската линија за Стефан Додиќ, кој веќе е пријавен и во ЕХФ така што се стекна со право за настап и на натпреварите во Лигата на шампионите.
Додиќ веќе им се придружи на „црвено-црните“ кои во последните неколку дена се соочуваат со проблеми бидејќи имаат повредени средни бекови. Поради повреда надвор од ростерот се Анте Гаџа и Мартин Карапалевски така што Стефан Додиќ би требало да го надомести нивното отсуство, но и да донесе квалитет плус.
Тој дојде од редовите на Охрид, а претходно ги бранеше боите на Металург. Станува збор за еден од најголемите таленти во Европа кој има 18 години. Веќе има потпишано договор за тимот на Келце и би требало на овој тим да му се придружи во текот на летото.
Со Вардар има договор до крајот на сезоната и сигурно ќе биде добро засилување бидејќи станува збор за играч кој веќе има покажано дека може да има одлични настапи и во европските купови.
Вардар в среда го игра новиот натпревар од Лигата на шампионите, а во Скопје гостува директниот конкурент за место во елиминациите, ППД Загреб. Средбата почнува од 20:45 часот. Дали Додиќ ќе дебитира на овој дуел ќе се знае на денот на натпреварот кога ќе бидат познати и составите.