И следната сезона Вардар ќе има силен европски тим, а како најава за нов атак на европскиот врв е останувањето на Тимур Дибиров, Стојанче Стоилов и Кристијан Дисингер. Според информациите на 24ракомет денеска сите тројца потпишале договори кои најавуваат сезона полна со успех, и со нови радости на навивачите.
Тројцата играчи се меѓу омилените на навивачите и изминатите години беа меѓу носителите на играта. Дисингер дојде лани, но иако неговиот договор истекуваше и имаше најави за заминување реши да остане во клубот со кој ја освои европската титула. Дибиров и Стоилов ги имаат двете ѕвездички, односно двете титули во ЛШ.
Новиот претседател Михајло Михајловски полека ги склопува коцките од мозаикот и како што најави до 20 мај или некој ден подоцна ќе ја има сликата и тимот со кој Вардар ќе влезе во новата сезона. Остануваат уште некои детали по што „црвено-црните“ ќе тргнат во продолжување на испишување на победничката традиција.
Останува да се реши само пивотменот Глеб Калараш дали и тој ќе остане исто како и неговите соиграчи. Во меѓувреме Михајловски го донесе Томислав Јагуриновски од Металург, а потпиша нови договори со неколку млади ракометари од вториот тим на Вардар.
Во „Јане Сандански“ останува и Иван Чупиќ кој потпиша договор пред неколку денови. И тој е еден од оние што ги имаат двете европски круни.
Финансиската стабилизација на клубот е решена, а се најавуваат и нови играчи кои треба да ги пополнат празните места во екипата. Но, Михајловски уште пред еден месец најави дека им порачал на играчите да бидат уште малку трпеливи. Сега е време на реализација на плановите и на споделување на радосни вести.
Вардар во средината на јули ќе може растоварен од сите проблеми да ги почне подготовките за новата сезона и да се надева дека доколку се одржи Ф4 турнирот на СЕХА ќе се бори за својот шести трофеј. В година „црвено-црните“ ќе играат во групната фаза од Лигата на шампионите меѓу 16-те најдобри екипи во Европа.