Вардар во трка по 15-та Куп титула, Еурофарм Пелистер посакува конечно да ја израдува Битола!

Денес во спортската сала „Јасмин“ во Кавадарци започнува големата борба за годинешната титула во Купот на Македонија. Екипите на Вардар, Еурофарм Пелистер 2, Бутел и Еурофарм Пелистер, кои лесно стигнаа до самата завршницата на Ф4, ќе им понудат на кавадарчани возбудлива ракометна програма.

Во минатогодишниот Ф4 од Купот, на кој домаќин беше Металург во Автокоманда, освен домашната екипа се натпреварува и Вардар, Еурофарм Пелистер и Бутел.

Вардарци го освоија ланскиот Куп совладувајќи го составот на Еурофарм Пелистер со два гола разлика, 26:24, а претходно, двете екипи беа убедливи во полуфиналните дуели против Металург, односно Бутел.

И оваа година, Вардар и Еурофарм Пелистер, се главни фаворити за освојување на титулата. Двете екипи се избегнаа во полуфиналните средби, во кои имаат противници по мерка, но ќе треба максимално да ја одработат својата задача доколку сакаат да играт во финалето, кое е закажано за в недела.

Составот на Бутел кој по третпат е на Ф4 во Купот и младиот тим на Александар Јовиќ, Еурофарм Пелистер 2, кој за првпат ќе се натпреварува меѓу најдобрите четири екипи од Купот, ќе имаат задача да им парираат на големите фаворити и да дадат сѐ од себе, но и евентуално да дојдат до изненадување.

Купот за Вардар е посебна приказна бидејќи актуелниот бранител на титулата низ историјата се има радувано на 14 освоени Куп титули, најмногу од сите тимови во Македонија. На второто место се наоѓа Металург, со шест титули, од кои последната беше во 2019 година, а на 3 место по бројот на титули е Еурофарм Пелистер со вкупно пет, последната титула во Купот на која битолчани се радуваа беше во далечната 2005 година кога тогашниот тим на Пелистер Кометал успеа да ја освои дуплата круна. По една титула во Купот имаат освоено Борец од Велес, Куманово и Тутунски комбинат од Прилеп.

Куп на Македонија – полуфинални двојки

13.05.2022

ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР 2 – ВАРДАР – 17:00 ЧАСОТ

БУТЕЛ – ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР – 20:00 ЧАСОТ