Ракометарките на Вардар во рамки од 4. коло од Женската лига прославија убедлива победа на гостувањето во Гевгелија против истоимената екипа со девет гола разлика, 33:24 (17:14).
Мечот тргна со фуриозен старт на „црвено-црните“, кои по пет минути игра дојдоа до водство од 6:1. Избраничките на Царчев речиси сите погодоци во воведниот дел ги постигнаа од контра напади. Откако Гевгелија преку Митревска намали на 6:2, следуваа два брзи гола на гостинките за највисокото водство од плус шест гола разлика, 8:2. Домашните во првите десетина минути немаа многу идеја во нападот и сѐ почесто грешеа во обидите да дојдат до помала негатива.
Една од поискусните на теренот, левиот бек Мери Гичева беше целосно запрена од вардаровата одбрана, па така Гевгелија многу тешко доаѓаше до позиција за гол. По убедливото водство на Вардар од 10:4, домашниот состав фати ритам и намали на минус четири, 10:6. Ракометарките на Вардар беа во криза десетина минути и му дозволија на домаќинот да се врати во игра.
Гевгелија започна сериозно да се заканува и во 20 минута дојде до минус три, 12:9, додека при крајот на првиот дел намали и на еден гол негатива, 13:12. Поранешниот шампион на Македонија во финишот од првото полувреме успеа да се консолидира и на пауза замина со водство од три гола разлика, 17:14.
Вардар за десетина минути игра во вториот дел ја обезбеди победата и ги запиша новите три бода. Гостинките казнувајќи ја секоја грешка на домашниот тим во 40 минута од натпреварот дојдоа до убедливо водство од 25:18 и веќе тука беше јасно како ќе се одвиваат работите во понатамошниот тек од дуелот.
Најефикасни во победничката екипа беа Ивона Трпевска со осум, Бојана Коцева со шест и Наталија Максимовска со пет гола. Во домашната екипа се истакнаа Ленче Илкова со седум, како и Мери Гичева и Михаела Митревска, кои во мрежата на гостинската екипа постигнаа по пет гола.