Европскиот шампион Вардар го чека тешко гостување кај бундеслигашот Кил во продолжение од сезоната во Лигата на шампионите. Новиот стратег Стевче Алушовски ќе дебитира во елитното натпреварување со големи проблеми.
Тој нема да смета на повредениот голман Артурс Кугис, па во конкуренција за голманската позиција остануваат Гедбан, Кизиќ и Гогов. Бразилецот Толедо сепак ќе му биде на располагање на Алушовски, иако не е подготвен да одигра цел натпревар од Лигата на шампиони.
Рускиот репрезентативец Данил Шишкарев има проблем со воспаление на увото и не тренираше, па ќе го пропушти гостувањето кај „зебрите“. На оваа позиција тренерот на Вардар ги има Иван Чупиќ и Ален Ќосевски.
Кил, со оглед на ростерот со кој играше на пријателскиот натпревар против Хамбург и на бундеслигашкиот дуел со Хановер, ќе настапи со најсилниот состав против европскиот шампион на 5 февруари со почеток во 19:00 часот.