Вардарци сезонава ќе бидат најмалку 65 часа во воздух

Европскиот првак Вардар ќе игра во групата А во новата сезона од Лигата на шампионите. „Црвено-црните“ може да бидат задоволни од ривалите кои ги добија, но не можат да бидат задоволни што ќе патуваат на далечни дестинации. Единствено во Сегед, Унгарија ќе може да се надеваат на „кратко и брзо“ патување.

Вардар во А групата за ривали ги има ПСЖ (Франција), Елверум (Норвешка), Порто (Португалија), Келце (Полска), Фленсбург (Германија) и Брест (Белорусија). Се обидовме да пресметаме колку време ќе им треба на вардарци да стигнат до градовите каде треба да ги играат натпреварите. Пресметката е направена само за групната фаза. Доколку се пласираат во следната фаза, тогаш ќе имаат уште гостувања и патувања.

Во предвид ги земавме најлесните и најбрзите конекции, па вкупната километража што ја добивме е најмалата можна што вардарци ќе ја поминат во воздух и на копно од септември па до март следната година. Ракометарите на Стевче Алушовски ќе поминат во воздух најмалку околу 33 часа (или поточно 32:50 часа) и на копно околу 32 часа (или поточно 31:30 часа), што значи вкупно 65 часа за седум патувања во двата правци. Во километри, вкупната бројка изнесува повеќе од 24.000 километри (или поточно 24.064 километри)!

Со оглед на тоа што директна конекција од македонската метропола има само до главниот град на Франција (само два пати неделно и тоа со нискобуџетна авио компанија), вардарци освен што ќе „летаат“, ќе мора да се возат и со автобус и тоа не баш малку. Седумте дестинации на кои ќе патуваат вардарци се Париз, Елверум, Порто, Келце, Сегед, Фленсбург и Брест, а дополнителен проблем би можеле да бидат и рестрикциите што ги има насекаде низ Европа во авиосообраќајот.

Скопје – Париз – Скопје 3610 км/8:30 часа
✈️ Скопје – Буве 1725 км/2:55 🚌 Буве – Париз 80 км/1:20

За главниот град на Франција, има опција да се патува од Скопје до аеродромот во предградието Буве, а потоа со автобус до главното одредиште. Друга опција е со менување два авиони преку некои од другите европски градови, но тоа само ќе ја зголеми километражата.

Скопје – Елверум – Скопје 4662 км/12:30 часа
✈️ Скопје – Сандефјорд 2068 км/3:20, 🚌 Сандефјорд – Елверум 263 км/2:55

Најлесна варијанта да се стигне до Елверум е авионската конекција од Скопје до аеродромот во Сандефјорд, а потоа со автобус до крајната дестинација. Од македонската престолнина има само летови во понеделник и четврток за Норвешка, па веројатно Вардар ќе мора да најде друга конекција со менување авиони што уште повеќе ќе ја зголеми километражата.

Скопје – Порто – Скопје 5436 км/9:00 часа
✈️ Скопје – Цирих 1178 км/1:55, ✈️ Цирих – Порто 1540 км/2:35

За Порто, нема друга опција освен да се патува со два авиони. Има конекции од Скопје преку Цирих, Виена или Истанбул, а потоа до португалскиот град.

Скопје – Келце – Скопје 2630 км/8:40 часа
✈️ авион Скопје – Варшава 1138 км/2:10, 🚌 Варшава – Келце 177 км/2:10

Најлесната варијанта да се стигне до Келце од македонската метропола е со директна авио линија до Варшава, што ја има три пати неделно, а потоа возење со автобус до крајната дестинација околу два часа.

Скопје – Сегед – Скопје 1630 км/6:20 часа
✈️ Скопје – Будимпешта 640 км/1:20, 🚌 Будимпешта – Сегед 175 км/1:50

За да се стигне до Сегед, вардарци би можеле да патуваат со авион до Белград или Будимпешта, а потоа со автобус до крајната дестинација.

Скопје – Фленсбург – Скопје 3400 км/8:40 часа
✈️ Скопје – Хамбург 1540 км/2:35, 🚌 Хамбург – Фленсбург 160 км/1:45

Најблизок аеродром до овој германски град е во Хамбург, па најбрзо се стигнува со авион од Скопје до Хамбург, а потоа со автобус до крајната дестинација.

Скопје – Брест – Скопје 2696 км/10:40 часа
✈️ Скопје – Варшава 1138 км/2:10, 🚌 Варшава – Брест 210 км/3:10

Најпроблематичното патување за сите македонски екипи е до Белорусија. Освен што треба да се извадат визи, тешко за организација е и патувањето до Брест. Најчесто се користат аеродромите во Варшава или Виена, а потоа со автобус.

За сето ова ќе им треба и добра кондиција…