Вардар ги освои бодовите против Еурофарм Пелистер 2, победувајќи го со 25-22 (13-12) но актуелниот првак мораше да одигра на високо ниво и со најдобрите. Гостите од Битола иако без класичен пивотмен одлично се снајдоа против Вардар.
Без Самоил Ристевски и Ненад Белистојановски во составот битолчани дадоа отпор. Иван Димитровски иако е класично крило играше на пивотменската позиција и постигна 4 гола. Кај Еурофарм Пелистер поголема минутажа добива и Емилијан Ѓорговски кој после операцијата се враќа на теренот.
Вардар беше без Јан Чувара и Дарко Ѓукиќ кои се повредени, и без Стефан Атанасовски и Борко Ристовски.
Домаќините поведоа, но веројатно не влегоа многу мотивирани во мечот и тоа им се врати. Еурофарм Пелистер 2 израмни, 6-6 а потоа и поведоа гостите со 7-6. Вардар мораше брзо да се разбуди и потоа пак ја презедоа иницијативата и поведоа првпат со 10-7. Имаа и водство 13-10, ама во последната минута „црвено-црните“ примија два гола за водство 13-12 кое требаше а биде најава за можна неизвесност во продолжението.
Пресвртот беше направен на почетокот на второто полувреме кога Вардар направи серија од 4-1 и поведе со 17-13. Тоа беше период во кој младите битолчани не можеа да го следат темпото на Вардар, па таа разлика од 4-5 гола се провлекувапе до самиот финиш на средбата.
Филип Талески со 7 гола беше најпрецизен кај Вардар и воопшто на средбата, а Гоце Георгиевски постигна 5 гола за Вардар. Во тимот на Еурофарм Пелистер 5 гола даде Павле Петровиќ, а по 4 постигнаа Иван Димитровски и Мартин Ивановски.
Сега следува пауза во првенството поради ЕХФ репрезентативната недела, а потоа на почетокот н амај се игра мечот кој треба да го реши првакот. Вардар гостува во Битола кај Еурофарм Пелистер, а Еурофарм Пелистер 2 е домаќин на Тиквеш.