Вардарци заминаа за Порто, еве кои ракометари ќе бидат во ростерот!

Вардар го обезбеди местото во осминафиналето од Лигата на шампионите, а останува да ги одигра уште натпреварите со Порто на гости и Монпелје дома. Средбата со Порто е закажана за в сабота од 16:00 часот, дуел што е особено важен и за двете екипи за избегнување на 6. место на табелата.

Порто бара бодови за потврда на осминафиналето, а Вардар за можност за зацрвстување на ова петто место, па и шанса за место погоре ако се поклопат коцките од другите натпревари.

На првиот дуел сезонава во Скопје во септември Вардар победи со 32-27, а гостите тогаш покажаа дека ќе бидат „тврд орев“ за секого во групата. Во однос на тој меч сега во вардаровиот тим ќе ги нема Кристијан Дисингер, Павел Атман и Даинис Кристопанс.

Вардарци отпатуваа за Португалија денеска со цел да имаат повеќе време за одмор и подготовка со оглед на неповолните авионски конекции и патувањето што треба да трае до доцна навечер. Тимот што беше на паркетот против Мотор Запорожје во саботата и сега отпатува за Португалија.

Тоа значи дека во тимот на Алушовски ќе има тројца голмани – Кизиќ, Гедбан и Гогов, додека повторно нема да настапи Артурс Кугис. На бековската линија се Горбок, Скубе, Толедо, Кукуловски, Карапалевски, пивотмени се Калараш, Стоилов, Горпишин и Сикошек, додека на крилните позиции ќе играат Дибиров, Димитриоски, Шишкарев и Чупиќ.