Вардарци добија ден одмор, од утре почнува мисијата „Мешков Брест“

Ракометарите на Вардар загубија во финалето од СЕХА лигата од унгарскиот Веспрем, и веднаш по тој натпревар се упатија кон Македонија.

По долгото и напорно патување со автобус од Задар преку Загреб и Белград до македонската престолнина, каде пристигнаа вчера во доцните попладневни часови, вардарци добија ден одмор.

На тренинзите им се враќаат во текот на утрешниот ден, кога ќе започнат со подготовки за првиот предизвик во Лигата на шампионите.

Гостувањето во белорускиот Брест, никој не го посакува, не само поради сложените конекции, туку и поради незгодниот домаќин.

Но вардарци веројатно ќе патуваат со чартер лет до Брест и ќе имаат доволно време за подготовка за првиот натпревар. Мешков Брест го освои третото место на Ф4 во СЕХА, но не воодушеви со играта, па вардарци сигурно не се без шанси.

Натпреварот меѓу Мешков Брест и Вардар се игра в четврток на 16 септември од 18:45 часот.