Вардарци во изолација десет дена: Стоилов, Талески, Ристовски…нема да играат за репрезентацијата!

Ракометарите на Вардар ќе бидат во изолација следните десетина дена, што значи дека сите вардарци што се на поширокиот список на селекторот Данило Брестовац пред квалификациите за ЕП, нема да се појават на собир.

Брестовац ги стави Ристовски, Кизиќ, Мишевски, Стоилов, Талески, Георгиевски, Димитриоски и Јагуриновски на поширокиот список, а од нив само последниот би можел да игра со Финска и Швајцарија.

Членовите на Металург се во изолација до 5 ноември, па на располагање барем за дуелот со Финска нема да бидат Велко Маркоски, Мице Шилегов и Милан Лазаревски, додека Мартин Серафимов би можел да игра.

Селекторот Брестовац веројатно ќе почека уште неколку дена за да го објави скратениот список пред квалификациските дуели за ЕП во Унгарија и Словачка, кои се уште не е јасно дали ќе се одржат воопшто.

Од останатите ракометари на Вардар, Кристијан Дисингер нема да се врати во националниот тим на Германија, додека ниту Патрик Валчак нема да игра за Полска во квалификациите за ЕП.

Русите Тимур Дибиров и Глеб Калараш не се на скратениот список за Русија, па нема да пропуштат репрезентативен собир. Ниту на Иван Чупиќ не му се „посреќи“, па камбекот во нацоналниот тим на Хрватска ќе го остави за подобри времиња.