Европската ракометна федерација ги потврди учесниците во групната фаза од Лигата на шампионите, која од септември ќе се игра по нов систем, а единствен тим од Македонија ќе биде Вардар.
Од оваа сезона премиите за учесниците се многу поголеми и сите тимови што веќе се пласирани во групите, ќе добијат најмалку по 210.000 евра (седум меча по 30.000 евра).
За секој освоен бод има бонус од 5.000 евра, а доколку го освојват првото или второто место во групата ќе има дополнителен бонус (30.000 евра), како и за пласманот во осминафиналето (30.000 евра) и четвртфиналето (30.000 евра).
Ждрепката за групите ќе се одржи на 1 јули, а првиот натпревар ќе биде на 16 или 17 септември. Вардарци ќе одиграат десет меча до крајот на годината, и уште четири во февруари и март догодина.