Ракометарките на Вардар во натпревар од 12. коло од Женската лига без проблеми ја совладаа екипата на Спартак со 44:26. Со победата против Спартак, избраничките на Драгана Ристова остануваат на лидерското место во Групата Б со максимален ефект односно со 11 победи од исто толку одиграни натпревари.
Во ниту еден момент од натпреварот немаше неизвесност. Вардарки победникот го решија уште во првото полувреме кога направија фантастична серија од 13:0 и од 9:6 стигнаа на 22:6. По одличната игра во првиот дел, екипата на Вардар замина на пауза со предност од 26:10.
Непознато во второто полувреме беше само со колку разлика ќе биде изразена победата на Вардар. Гроздановска беше единствената ракометарка од гостинскиот тим, која правеше напори да се ублажи поразот, но немаше доволна поддршка од своите колешки. Во последните дваесетина минути најчесто имаше измени во вардаровиот табор со цел сите ракометарки да имаат минутажа на теренот.
Најефикасна на натпреварот беше ракометарката од редовите на Спартак, Ангела Гроздановска со 12 погодоци. Од екипата на Вардар се истакнаа Бојана Диневска со десет и Сара Миновска со седум погодоци.
ВАРДАР – СПАРТАК 44:26 (26:10)
Сала: СЦ „Јане Сандански“ во Скопје. Судии: Спаско Ќаев и Бобан Стојановски од Скопје. Делегат: Ацо Николовски од Скопје.
ВАРДАР: Трајковска, Илиќ, Маринчов 2, Џатевска 4, Максимовска 1, Бор. Коцева 2, Тошевски 4, Радевска 3, Ѓорѓиевска, Трпевска 1, Костовиќ 3, Диневска 10, Миновска 7, Васевска, Дамјановска 3, Бој. Коцева 4
Седмерци: 1/2, Исклучувања: 12 мин.
СПАРТАК: Е. Бочваровска, Самарџиоска, Ангеловска, Иво. Кимовска 1, Божиновска, Петковска, А. Бочваровска, Милошоска, Велигденова 4, Гроздановска 12, Андовска 6, Ива Кимовска 2, Кузмановска 1
Седмерци: 5/6, Исклучувања: 8 мин.
СУПЕР ЖЕНСКА ЛИГА – ГРУПА Б
ТАБЕЛА