Репрезентациите на Полска и Германија го одиграа последниот натпревар на Светското првенство во Египет кој не решаваше многу. Двете репреентации ги имаа изгубено шансите за четвртфинале, а дуелот за третото место во групата заврши нерешено 23:23.
Полска во поголемиот дел од натпреварот имаше водство но не успеа да издржи до крај и да стигне до нова победа. Полјаците отворија со 3:1, но возвратија Германците и тие поведоа 4:3. Многу брзо повторно предноста беше на страната на Полска.
Од 7:5 за Полјаците до крајот на првото полувреме се играше гол за гол. Без големи промени на резултатот после 30 минути игра, минимална предност имаше тимот кој го контролираше резултатот скоро во текот на целот прво полувреме. Полска водеше на полувреме 12:11.
И почетокот на второто полувреме им припадна на Полјаците, со серија од 3:0 стигнаа до највисокото водство кое го имаше една од екипите. Успешно го одржуваа се до последните десетина минути од натправарот кога Германија се врати во игра. Израмнија на 19:19 и со неизвесна игра до крајот на дуелот ниту една екипа не успеа да стигне до победата. Голманот Андреас Вулф му го одбрани шутот за победа на Полска на членот на Вардар, Патрик Валчак.
Со овој нерешен резултат двете селекции го завршија настапот на Мундијалот со по пет бода во главната рунда, а третото место во групата им припадна на Германците. Крајевски со пет гола беше нјаефикасен кај Полјаците, а Вебер беше прв стрелец во тимот на Германија со четири гола.