Валчак: Знаеме што и како треба да правиме против ПСЖ

Вардар ќе се обиде и трет натпревар по ред во Лигата на шампионите да остане непоразен откако во претходните две кола славеше над Фленсбург и одигра нерешено со Порто на домашен терен.

Пикерот кој се приклучи на Вардар пред почетокот на сезоната, полскиот интернационалец Патрик Валчак пред натпреварот со ПСЖ ги кажа своите очекувања пред заминувањето за Париз. Тој истакна некои детали кои би можеле да бидат предност за Вардар.

„Се подготвуваме за ПСЖ, ни остана да направиме уште една видео анализа за нив. Знаеме што и како треба да правиме на теренот против ПСЖ. Знаеме каков е системот на Раул затоа што повеќето наши играчи имаат играно под негово водство изминатите години. Ги знаеме тие ситни детали што тој како тренер ги очекува од играчите во Париз. Се надеваме дека ќе се вратиме во Скопје со бодовите“, рече Патрик Валчак.

ПСЖ изненадувачки игра многу слабо на почетокот на Лигата на шампионите и има една победа и три порази. Сигурно избраниците на Раул Гонзалес ќе бидат мотивирани за победа. Вардар ќе патува за Франција во вторник со чартер лет, а натпреварот е закажан за во среда од 18:45 часот.