Ракометарите на Еурофарм Пелистер утре патуваат за хрватскиот град Задар, каде што ги очекува вистински предизвик со настапот на завршниот турнир во СЕХА лигата.
Тренерот Ларс Валтер вели дека тие се ослободени од притисок и тоа е шансата за сензација против унгарскиот гигант.
„Фантастично беше на трибините. Навивачите си ја завршија својата работа и ова е многу важно за нас, да имаме таква поддршка. За мене беше многу емоционално, бидејќи работев во многу европски клубови, а не сум доживеал вакво нешто“, вели Валтер.
Првичната цел на клубот со пласманот на Ф4 е остварена.
„Тоа беше нашата цел. Сега имаме големи предизвици. Веспрем е еден од најдобрите тимови во светот. Најпрво мора да уживаме во мечот, ослободени, тоа е нашата шанса. Ние се подобруваме од недела во недела, па мислам дека кон крајот на годината ќе ја видиме вистинска слика на нашиот тим и се надевам дека нема да правиме многу грешки и секој натпревар ќе бидеме се подобри“, заврши Валтер.
Натпреварот меѓу Еурофарм Пелистер и Веспрем се игра во Задар в петок со почеток во 20:30 часот.