Валтер: Само Фуксе Берлин отскокнува, сите други екипи се на нашето ниво

Еурофарм Пелистер денеска ги дозна ривалите во групната фаза од Лигата на Европа. Тоа ќе биде шпанската Бидасоа, германскиот Фуксе Берлин, украинскиот Мотор Запорожје, данскиот Орхус и португалскиот Агуаш Санташ.

Тренерот Ларс Валтер е задоволен од ждрепката и вели дека неговиот тим има добри шанси да ја мине групата.

„Задоволен сум од ждрепката. Еден тим отскокнува од останатите, тоа е Фуксе Берлин. Останатите екипи можам да кажам дека се блиску до нашето ниво. Многу важно ќе биде да се заобиколат повредите, бидејќи ќе играме многу натпревари секоја недела. Ако сме здрави и ако продолжиме да напредуваме, имаме добри шанси да ја минеме групата. Орхус има три искусни ракометари – плејмејкер, лев бек и пивотмен. Исто така имаат добар дефанзивец, а и одличен голман. Останатите се млади момци, многу трчаат и играат типично скандинавски ракомет. Тежок ривал се, играат убав тактички ракомет. Верувам дека публиката ќе ни помогне, бидејќи тука е многу тешко за играње за скандинавските екипи“, вели Валтер.

Капитенот Радовиќ смета дека сите екипи се за респект.

Тешко е да се прогнозира дали сме задоволни или не. Многу работи ќе се знаат овие две недели. За нас најбитно е да мислиме само на себе. Екипата напредува од ден на ден и играме да ја поминеме групата и да направиме чекор понапред во споредба со минатата сезона. Групата е исполнета со квалитетни екипи, знаеме што значи еден Фуксе Берлин, со Бидасоа Ирун игравме во Лигата на шампионите пред три сезони, Мотор го познаваме… Сите противници се за респект, но ние во оваа пеколна атмосфера имаме за што да се надеваме. Очекувам пласман во следниот круг, но не сакам да поставував цели. Треба да се спремиме за првиот натпревар и чекор по чекор, натпревар по натпревар.

Првиот натпревар Еурофарм Пелистер ќе го одигра на домашен терен против составот на Орхус на 25 октомври.