Тимот на Еурофарм Пелистер утре го очекува натпреварот со португалскиот Агуаш Санташ, што може да биде клучен за пласманот во осминафиналето на Лигата на Европа.
Тренерот Ларс Валтер вели дека тимот е на вистинскиот пат и вели дека е подобрени и нападот и одбрана.
„Како што реков претходно, напорно работиме да го пронајдеме вистинскиот ритам. Мислам дека ја подобривме одбраната и подобри сме и во нападот. Верувам дека утревечер по натпреварот ќе можам да кажам дека сме на вистински пат.Суси напорно работи, но веројатно нема да игра утревечер. Велковски со крупни чекори напредува, од ден на ден е подобар и блиску е до комплетно враќање. Подготвен е да ни помогне и среќен сум за неговиот напредок. Каспер Кисум е добар играч, но му треба малку време да се навикне на нашиот систем. Треба да му олесниме да се прилагоди. Се работи за одличен играч и многу ќе ни помогне во текот на сезоната“, вели Валтер.
Данскиот стратег смета дека натпреварот ќе биде сличен како оној во Португалија.
„Ако го гледавте натпреварот Агуаш Сантос – Бидасоа Ирун, сигурно забележавте дека Шпанците имаа проблеми, бидејќи доцна им се приклучија многу репрезентативци по Светското првенство. Сличен случај како нашиот. Го губите ритамот во такви случаи и Бидасоа не можеше да влезе во ритам и изгледаа по малку загубено. Агуаш Санташ е истата екипа, може да очекуваме сличен натпревар како во Португалија. Се работи за брза екипа, која се познава меѓусебе и нема да биде лесно против нив. Сепак, убеден сум дека сме подготвени“, вели Валтер.
Натпреварот меѓу Еурофарм Пелистер и Агуаш Санташ се игра утревечер во салата „Боро Чурлевски“ од 20:45 часот.