Валтер: Моментот со двете исклучувања по ред беше клучен

Тимот на Еурофарм Пелистер загуби на гостувањето кај Нексе Нашице со 29-25 и со два порази се враќа од мини турнејата во Србија и Хрватска.

Тренерот Ларс Валтер вели дека клучниот момент на мечот е кога битолчани добија две казни од две минути во финишот кога намалија на минус два.

„Сакам да им честитам на Нексе за победата и добриот натпревар. Ние имаме значајни проблеми со повредите. Клучниот момент на мечот беше кога добивме две суспензии во финишот. Едноставно не можеш да ‘преживееш’ таков момент против одличен ривал како Нексе. Среќен сум што се вративме во мечот во два наврати. Имаме долго патување и два дена одмор, што ќе ги искористиме да го анализираме овој меч пред патот за Данска“, вели Валтер.

Средниот бек Марио Танкоски верува дека тимот ќе биде подобар на следните натпревари.

„Заслужена победа за Нексе. Ние ќе се обидеме да научиме нешто од овој пораз и да бидеме подобри во следните натпревари“, вели Танкоски.

Следен предизвик за битолчани ќе биде гостувањето во Данска кај Архус во натпревар од Лигата на Европа.