Македонскиот вицепрвак Еурофарм Пелистер, кој во новата натпреварувачка сезона влезе со изменет состав од претходната сезона, но и со нов тренер, ќе се обиде да направи чекор плус во Лига на Европа. Тимот од Битола на двапати стигнуваше до осминафиналето во второто по ранг квалитетно европско натпреварување, но немаше многу среќа да обезбеди пласан во четвртфиналето.
Освојувањето на трофејот на Струшкиот турнир, како и трофејот во Супер купот на Македонија, се јасен сигнал дека „фармацевтите“ во новата сезона сакаат да направаат добри резултати и на европска сцена.
Тренерот на Еурофарм Пелистер, Ларс Валтер и капитенот на тимот, искусниот Мирко Радовиќ за официјалната страна на Европската ракометна федерација (ЕХФ) зборуваа за амбициите и целите на битолскиот тим во Лига на Европа.
,,Еурофарм Пелистер вложи многу за оваа сезона. Значи, многу важно е Европа да чуе за нас, да видат дека нешто добро се случува овде“, изјави тренерот на Еурофарм Пелистер, Ларс Валтер.
За капитенот на Еурофарм Пелистер голема е честа и задоволството да игра пред битолската публика, која секогаш е осмиот играч на пелистерци. Црногорецот се надева дека Еурофарм Пелистер во новата сезона ќе го направи најголемиот успех во Лига на Европа.
,,За мене секогаш е мотивација да играм во ракометен град како Битола. Оваа сезона сум капитен на тимот и се надевам дека со поддршка на нашите навивачи ќе можеме да направиме големи резултати во домашното натпреварување и во Лига на Европа. Имаме нов тим, но многу силен и нашите амбиции во ова натпреварување се секогаш големи. Се надевам дека ќе продолжиме понатаму, да играме во четвртфиналето и да испишиме историја во Европа. Големи фаворити во ова натпреварување се германските и француските екипи, но ние ќе дадеме сѐ од себе на теренот”, изјави Радовиќ
Натпреварите од групите во Лига на Европа ќе стартуваат на 25 октомври. Еурофарм Пелистер во минатата сезона во осминафиналето беше елиминиран од Нексе Нашице.