Ракометарите на Еурофарм Пелистер ги очекува решавачкиот натпревар од Лигата на Европа за пласман во осминафиналето против Мотор Запорожје.
Тренерот Ларс Валтер посакува тимот да има голема поддршка oд трибини и размислува позитивно.
„Ако имаме поддршка како што нормално добиваме во нашата сала, тоа ќе ни биде од голема помош. Се надевам дека луѓето ќе дојдат во вторник и ќе ни дадат поддршка. По враќањето на некои повредени ракометари, добиваме на стабилност. Имаме многу натпревари во овој период, но мора да размислуваме позитивно. Го вративме ритамот, дури и во поразот во Берлин видов добри работи. Одигравме добро, посебно бевме добри при стрпливоста во нападот. Денес работевме некои детали кои ќе ни послужат за вторник, а и заштедив некои ракометари за дуелот против Мотор. Веќе го подготвуваме дуелот против Украинците, ќе биде тешко и сериозно ќе ги сфатиме. Играа добро во последните натпревари, но имам позитивни вибрации за вторник“, вели Валтер.
Натпреварот меѓу Еурофарм Пелистер и Мотор Запорожје се игра во салата „Боро Чурлевски“ со почеток во 20:45 часот.