Ракометарите на Прилеп триумфираа на гостувањето кај КЛ7 со 35-36, со погодокот во последната секунда на левиот бек Давор Шокоски. Ова се важни бодови за прилепчани кои се вклучуваат во битката за врвот на табелата во плеј-аут.
Прилепчани водеа на стартот со 3-6, но домашните полека се враќаа во игра и стигнаа до високи четири гола позитива, 13-9. Сепак тоа не ги откажа гостите, кои со серија од пет погодоци направија пресврт, 13-14.
Избраниците на Игор Котевски израмнија на 14-14, а до крајот на полувремето се играше практично без одбрани и двата тима погодија уште по четири пати за нерешено на пауза, 18-18.
Гостите во вториот дел повторно ја вратија предноста на своја страна, 22-25, но направија неколку грешки во серија и КЛ7 се врати на егал, 26-26. Во тие моменти прилепчани останаа без грузискиот лев бек Мириан Гавашелишвили, кој поради третото исклучување доби црвен картон и се пресели на трибините.
Се играше гол за гол во продолжение, а во последните десетина минути домашните стигнаа до плус два, 32-30. Тоа беше недоволно за мирна завршница, бидејќи Рустамов израмни набрзина со два гола во контранапад на 32-32, а беше и 34-34. Двете екипи погрешија во следните напади и во последната минута се влезе со реми, 35-35.
Прилепчани направија грешка, но и домашните се сплеткаа во нападот, па Давор Шокоски ја искористи шансата и во последната секунда погоди за 35-36 и огромни три бода за Прилеп.