Претседателот на екипата на Келце, Бертус Сервас во интервју за Л’Екип зборуваше за вложувањата во ракометот, работата со актуелниот тренер на клубот, Талант Душебаев, буџетот на Келце и многу други ракометни теми.
Првиот човек на полскиот шампион откри колку изнесува буџетот на клубот и истакна дека инвестира поради забава.
„Мислам дека ракометот како спорт е забавен, за мене вложувањата во ракометот не се поради бизнис или задоволство, туку поради забава. Буџетот на Келце е околу 7 милиони евра“, изјави Сервас.
За актуелниот тренер на Келце, Талант Душебаев, Сервас имаше само пофални зборови.
„Талант не само само што беше одличен играч, туку стана и одличен тренер, тој има неверојатна моќ. Никогаш не кажува ништо за играчите и за клубот надвор од ракометниот круг, односно од нашиот клуб. Мислам дека и затоа играчите го почитуваат многу. Не работи зад нивниот грб. Тоа е нашиот клуб, кој е големо семејство со одлична атмосфера“, додаде Сервас.
Тренерот на Келце, Талант Душебаев го продолжи договорот со клубот до 2028 година, а голем дел од ракометарите кои настапуваат за полскиот шампион имаат долгорочни договори.
„Имаме многу долгорочни договори. Повеќето играчи што ги имаме сега имаат договори до 2026, 2027 и 2028 година. Ние имаме млад тим, не чека светла иднина. Следната сезона ќе дојдат уште двајца добри играчи од Франција. Станува збор за Недим Ремили и Беноа Кункуд. Ова, се разбира, не ни гарантира учество на Ф4 турнирот во Лигата на шампионите, но ние ќе продолжиме да формираме силен тим“, заврши Сервас.
Келце загуби во финалето на ЛШ од Барса со 37-35 по изведувањето на пенали.