Тимот на Бутел Скопје славеше со 32-24 над Тиквеш од Кавадарци и практично го потврди местото во плеј-офот иако до крајот има да одигра уште пет средби. Домашните иако одиграа лошо во првиот дел, сепак нагазија во второто полувреме и гостинот немаше никакви шанси за позитивен резултат.
До средината на првиот дел се играше гол за гол, 7-7, пред гостинските ракометари да ги казнат грешките на бутелци и да се одлепат на водство од три гола разлика, 7-10. Беше и 10-14 за кавадаречкиот тим, па 12-16, но Мајиќ со гол по истекот на времето од пенал намали на 13-16.
Медиќ му донесе на Тиквеш 13-17, но тогаш почна падот на гостите од Кавадарци. Нападите почнаа да им стануваат безидејни, некои завршуваа како плен на домашниот голман Блажески.
Бутел Скопје израмни на 17-17 со серија од четири голови, а по 19-20 за Тиквеш, уште една домашна серија од четири погодоци за 23-20 и веќе беше јасно дека бодовите остануваат дома.
До крајот, домашните одиграа рутински и само ја одржаа разликата, односно ја зголемија со лесни погодоци од контранапади за конечни плус осум, 32-24. Кавадарчани и покрај поразот ги задржуваат шансите за место во плеј-оф, но ќе чекаат кикс и на конкурентите.
Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Мирко Мајиќ со 13 погодоци, додека Јовица Младеновски даде пет, а кај Тиквеш се истакнаа Јане Јанчев со десет и Орданчо Лазов со четири.