Екипата на Бутел Скопје е враќа од гостувањето во Кавадарци со три бода откако имаше одлично второ полувреме во кое надомести за загубеното во првите 30 минути и славеше победа од 25:22.
Гостите одработија добро во второто полувреме и надоместија за загубеното после првиот дел од средбата. Домашните имаа контрола на играта во првите 30 минути кога беа во постојана предност. Таквата игра им донесе и водство од 12:9 на одморот.
Сепак, како одминуваше времето работите почнаа да се менуваат. Ракометарите на Бутел Скопје почнаа да ги користат грешките на домашните. Многу брзо успеаја да ги неутрализираат трите гола негатива. Стигнаа до 14:14 и потоа го свртеа мечот во своја корист постојано зголемувајќи го водството.
Кај домашните како да се забележуваше проблем со концентрацијата и со можноста да се дојде до шанса за гол. Тешко се снаоѓаа со одбраната на противникот, а тоа влијаеше и на резултатот. Бутел Скопје знаеше како да казни во речиси секој момент од средбата и успеа на шест минути до крај да дојде до 23:18.
Овие пет гола беа и повеќе од доволни за на крајот да се забележи победа и да се продолжи успешната серија. Иако предноста беше загубена и падна на два гола, сепак, Бутел Скопје знаеше како да ја зачува за да стигне до победата. Воедно ова е веќе трета победа која беше обезбедена во некомплетен состав бидејќи на терен ги немаше повредените Печенковски и Василевски.
ГРК Тиквеш забележа трет пораз од стартот на сезоната, па ќе нема друг избор освен да притисне во продолжение од шампионатот за да дојде до првите бодови.