Бутел Скопје се засили со српски лев бек

Тимот на Бутел Скопје продолжува со формирањето на играчкиот ростер пред стартот на новата сезона во суперлигашкото друштво.

Поранешниот младински репрезентативец на Србија, Лука Иваниќ е нов ракометар на Бутел, откако се обврза на едногодишна верност со можност договорот да биде продолжен за уште една сезона ако двете страни се задоволни од соработката.

Иваниќ, кој има 23 години, доаѓа од редовите на поранешниот европски шампион Металопластика Шабац и има одлични физички предиспозиции – висок е 202 цм, а тежок 110 кг.

Со тимот од Шабац минатата сезона го освои Купот на Србија, како и Супер Купот на нашиот северен сосед. Освен во српската Аркус лига, со Металопластика играше и во регионалната СЕХА лига и беше во ТОП 10 стрелци во сезоната 2020/21.

Претходно во Бутел Скопје дојдоа тренерот Горан Кузманоски и десното крило Дамјан Георгиев. Клубот се раздели со тренерот Грчевски, како и со Мајиќ, Јевтиќ, Манасков, Младеновски и Ивановски.