Ракометарите на Бутел Скопје се враќаат со три бода од гостувањето во Богданци откако денеска го совладаа Младост со 32:18. Екипата од Скопје беше фаворит и пред натпреварот така што само ја потврди оваа улога на теренот.
Од почетокот на средбата се виде кој ќе биде поблизу до победата. Гостите отворија со 3:0, а брзо стигнаа до 7:2 така што овие пет гола беа гаранција за тоа дека Бутел Скопје ќе биде поблизу до бодовите.
Сигурната игра до крајот на првиот дел од натпреварот придонесе за на одмор тимот на Бутел Скопје да има предност од 13:8.
Овие пет гола од првото полувреме беа брзо зголемени. До 38. минута Младост имаше само два гола, а веќе губеше со десет гола разлика бидејќи на семафорот стоеше 10:20.
Овие десет гола овозможија во продолжение да се одигра мирно и само да се зголемува разликата. До крајот на средбата се дојде до плус 14, а конечните 18:32 беа само доказ за она што се случуваше на теренот. Бутел Скопје со тоа остана на курсот кон плеј-офот додека Младост Богданци напролет дефинитивно е во плеј-аут битка.