Екипата на Бутел дојде и до втората победа сезонава во Групата Б откако на домашен терен успеа да го совлада составот на Младост 1977 со 33:23 после возбудливо прво полувреме. Ова беше идентичен резултат како во 1. коло против тимот на Работнички.
Ракометарите на Младост се покажаа во одлично издание од стартот. Наметнаа свое темпо со кое успеаја од прв момент да покажат дека се во добра форма. Гостите од Богданци отворија далеку подобро. Влегоа во натпреварот со 2:0, а потоа имаа и 5:2. Искусниот Митко Стоилов беше лидерот во една таква игра на Младост.
Сепак, како одминуваше времето во првиот дел од средбата така стануваше јасно дека состаовт на Бутел Скопје ќе се врати во натпреварот. Требаше време бидејќи на средината на првиот дел резултатот беше 4:8, но потоа работите се сменија. Од 4:8 се дојде до 10:10 така што во финишот од првото полувреме со сигурна игра се направи и целосен пресврт за на одмор да се замине со 15:13.
На стартот од второто полувреме подготвеноста дојде до израз. Воедно и поголемиот избор на ракометари, па можеше да се одработи лесно. До 45 минута резултатот веќе беше 23:15 и тука победникот беше решен. Немаше шанса за тимот на Младост да се врати во игра за победа така што остана на Бутел Скопје да го приведе кон крај натпреварот на кој освои нови три бода.
Со ова Бутел Скопје остана со Металург на максимум поени после две комплетирани кола.