Тимот на Бутел Скопје по поразот од Тиквеш во Кавадарци, се врати на победничките патеки, откако славеше на домашен терен против составот на Струга со убедливи 30-19.
Тренерот на домашните, Кристијан Грчевски, реши да одмори дел од првотимците, па во првиот дел гостите од Струга одлично парираа, играа добро во нападот и во текот на целото прво полувреме ја диктираа играта.
Стружани имаа плус три, 4-7, домаќинот за миг се врати во егал, 7-7, но во продолжение повторно избраниците на Наум Танески, беа тие што се прашуваа околу резултатот. По 11-14, Мајиќ и Митев реализираа па на пауза се замина со 13-14.
На стартот на второто полувреме бутелци со серија од четири гола по ред обезбедија 17-14, а беше и 18-15. Ѓорѓиески намали на 18-16, но потоа Струга влезе во „црна дупка“ и не можеше да погоди цели 12 минути.
Но затоа домаќините без мака реализираа и го полнеа голот на Матовиќ, па стигнаа до највисоки плус осум, 24-16. Подоцна беше и 26-18 и до крајот немаше возбудувања и дилеми околу победникот.
Мајиќ беше најдобар стрелец кај Бутел со осум погодоци, додека по пет постигнаа Спасовски и Митев. Кај Струга по четири пати реализираа Блажески, Цветаноски и Маркоски.