Екипата на Бутел на гостувањето во Прилеп против истоимената екипа во рамки од претпоследното коло од Суперлигата обезбеди победа, со резултат 33:25. Бутел со освоените бодови од Прилеп се зацврсти на 3. позиција на табелата во групата А и во плеј-оф фазата ќе пренесе 1 бод.
Во првото полувреме се играше гол за гол, двете екипи имаа свои моменти, подеми и падови, па така имаше борба за секоја топка. По нерешените 4:4, избраниците на Грчевски со два гола во низа се одлепија на 6:4 кон средината на првото полувреме, но не успеаја да ја сочуваат предноста до паузата, бидејќи домаќинот покажа одлична игра во првите 30 минути.
Прилеп возврати со иста мера и со погодоците на Павлов и Вренцоски дојде до израмнување, 6:6. Гостите никако не можеа да создадат поголема предност и во последниот дел од првото полувреме им дозволија на домаќините да имаат контрола на резултатот, но без голема комоција во играта.
Домашниот табор во три наврати имаше два гола разлика (10:8, 11:9, 12:10). Одговорноста кај домаќините беше во рацете на најмладите, кои ја оправдаа дадената доверба и во солидно издание се покажаа против еден од поквалитетните тимови во Македонија. Бутел пред финишот на првиот дел успеа да се консолидира и преку разиграниот Крстевски го израмни резултатот на 12:12. На полувреме беше нерешено, 13:13.
Ракометарите на Прилеп за неколку минути игра во продолжението повторно дојдоа до највисоката предност од првиот дел и поведоа со 16:14. На 20 минути пред крајот црвен картон поради три исклучувања заработи Мартин Манасков. Откако Прилеп имаше ,,плус два” и водство од 18:16, гостите во 40 минута направија комплетен пресврт, односно серија од 4:0 и поведоа со 20:18.
Во тој момент беше скршен отпорот на домаќинот, кој до крајот заостануваше на четири до пет гола разлика и не можеше да се врати во игра и да се избори за евентуален егал. Бутел во 45 минута поведе со највисоките дотогаш ,,плус три” 23:20 и при самиот финиш со серија од 6:0 се одлепи на 29:21 и рутински ја заврши денешната задача.
Најефикасен во победничката екипа беше Стефан Крстевски со девет погодоци. Во составот на Прилеп се истакнаа Синиша Павлов и Реваз Чантурија со по шест реализации.