Бутел на шопинг во Битола – се засили со голманот Филип Ивановски

Филип Ивановски (28/190/85), кој досега го чуваше голот на Еурофарм Пелистер, е нов голман на Бутел Скопје.

Тој потпиша договор на една сезона со третопласираниот тим од Суперлигата, со можност соработката да биде продолжена на уште една сезона. По заминувањето на Градимир Чаневски, Ивановски ќе формира дуо со Бојан Блажески, а тука се и двајца млади голмани, Симјановски и Трајчевски.

„Раководоството и стручниот штаб имаат сериозен и професионален пристап кој дава големи резултати, па Бутел секоја година се повеќе расте и се развива и станува клучен фактор во македонскиот ракомет. Со доаѓањето и играњето во овој клуб очекувам да ги покажам и надградам своите квалитети и заедно како колектив да напредуваме уште повеќе. Што се однесува до македонското првенство очекувам борба за врвот , а со тоа повторно излез на европска сцена, додека што се однесува до европските натпревари со добра ждрепка и малку среќа мислам дека можеме и до групна фаза“, вели Ивановски.

Ивановски, кој е поранешен младински репрезентативец на Македонија, покрај за Еурофарм Пелистер, бранеше и за Вардар, Металург и Охрид.

Бутел Скопје досега ги продолжи договорите со тренерот Кристијан Грчевски, пивотите Стефан Стојчевиќ и Владимир Јевтиќ, бекот Томче Стојановски, а нови ракометари се Мартин Манасков, Филип Николов и Стефан Крстевски. Покрај нив, професионални договори потпишаа шест ракометари од младинската школа, а дојде и левото крило од Металург РА, Дамјан Субашевски.