Во рамките од 9. коло од Супер лигата, екипата на Бутел на домашен терен обезбеди сигурна победа и лесни бодови на свое конто откако без проблеми триумфираше против новиот член во елитното друштво, Скопје 2020, со високи 28:14.
Ракометарите на Бутел имаа одличен старт, поведоа со 3:1 и во следниот период преку Мајиќ и Спасовски се одлепија на 6:2. Разликата во резултатот помеѓу двете екипи остана непроменета и по петнаесетина минути од првиот дел кога беше 8:3.
Без идеа во нападите, со избрзани шутеви и лесен простор во одбраната за противниците, ракометарите на Скопје започнаа да влегуваат во сѐ поголема негатива и кризен период кој траеше бесконечно. На шест минути пред крајот на првото полувреме, Бутел го достигна највисокото водство од 13:5, додека на пауза замина со предност од 14:6.
Домаќините со три гола во низа во вториот дел обезбедија плус 11 гола предност, 17:6. Гостите првиот гол во вториот дел го постигнаа по седум минути игра преку Тркалевски. Скопје во еден момент намали на минус девет, но во финишот пак дозволија многу лесни голови во нивната мрежа.
Бутелци со победата над Скопје 2020 за момент ја преземаа четвртата позиција на табелата, а екипата на Скопје 2020 се наоѓа на дното на табелата со девет порази од исто толку одиграни средби.