Будуќност приреди сензација, ЦСКА Москва и Ристовска потклекнаа во Љубљана

Во рамките од 8. коло од Лигата на шампионите во женска конкуренција, Будуќност успеа да го изненади европскиот вицешампион, Брест Бретањ, со победа од два разлика, 30:28.

Остварената победа беше прва за црногорскиот шампион во најсилното европско натпреварување во новата сезона. Екипата на Брест Бретањ беше во водство до 50. минута од натпреварот. Во последниот дел, избраничките на Бојана Поповиќ израмнија на 26:26 и преку расположените Плетикосиќ, Вукчевиќ и Кепиќ успеаја да се израдуваат на првата победа.

Најефикасна на натпреварот беше репрезентативката на Црна Гора, Матеа Плетикосиќ која постигна 12 гола.  Во редовите на Брест Бретањ најефикасна беше интернационалката од Норвешка, Хелен Гигштад со девет гола.

Репрезентативката на Македонија, Сара Ристовска и нејзината екипа ЦСКА Москва неочекувано беа поразени на гостувањето во Љубљана кај Крим. Словенечкиот шампион успеа да дојде до втората победа откако славеше со 24:21 против руската екипа.

На овој натпревар, Сара Ристовска стандардно беше меѓу најефикасните во својата екипа со четири постигнати гола, додека нејзината колешка, Ана Грос ги предводеше стрелците во ЦСКА Москва со седум гола. Во составот на Крим прв стрелц беше поранешната ракометарка на Металург, Катарина Крпеж Шлезак со седум погодоци.

ЛИГА НА ШАМПИОНИ, ЖЕНИ 

8. КОЛО РЕЗУЛТАТИ

ГРУПА А

БУДУЌНОСТ – БРЕСТ БРЕТАЊ 30:28 (13:16)

ЧСМ БУКУРЕШТ – ФТЦ БУДИМПЕШТА 27:21 (16:11)

РОСТОВ ДОН – ПОДРАВКА 34:23 (18:12)

ГРУПА Б

ВАЈПЕРС КРИСТИЈАНСАД – ОДЕНЗЕ 31:27 (17:16)

КАСТАМОНУ – ЃЕР 22:38 (9:19)

КРИМ – ЦСКА МОСКВА 24:21 (11:10)