Будуќност оди по патот на Вардар

Една ера во црногорскиот шампион Будуќност заврши со гостувањето во Ѓер во реванш натпреварот од Лигата на шампионите. Одамна е јасно дека за следната сезона Будуќност ќе има намален играчки кадар, составен од млади Црногорки, со неколку поискусни ракометарки.

Проблемите со финансиите се очигледни, најавено беше големо кратење на буџетот, па јасно е дека и овој тим оди по патот на ЖРК Вардар, иако е многу веројатно да има место во ЛШ, барем за следната сезона.

Веќе е јасно дека Ема Рамусовиќ оди во ЧСМ Букурешт, Барбара Аренхарт, Андреа Лекиќ и Алисон Пино се селат во словенечкиот Крим, додека триото Јованка Радичевиќ, Марина Рајчиќ и Мајда Мехмедовиќ ќе настапуваат за турскиот Кастамону.

Милена Раичевиќ може ќе остане во Будуќност, може ќе замине во Кастамону, а има најави дека размислува и за крај на кариерата. Од интернационалките засега јасно е дека останува само француската голманка Амели Атингре, додека нејасно е што ќе се случува со десниот бек на руската репрезентација Валерија Маслова.

Тренерот Бојана Поповиќ, освен на Атингре, за наредната сезона сигурно ќе смета на Итана Грбиќ, Татјана Брновиќ, Ивона Павичевиќ, Николина Вукчевиќ, Анастасија Бабовиќ, Катарина Џаферовиќ, а другиот дел од тимот ќе биде пополнет со ракометарки од младинскиот тим.