Будуќност и по шест кола на нула, Брест со пресврт до триумф кај ЧСМ Букурешт

Екипата на Будуќност во рамките од Лигата на шампионите доживеа нов пораз, овој пат подобар противник од избраничките на Бојана Поповиќ беше унгарската екипа, ФТЦ Будимпешта, која славеше победа во Подгорица со 30:26. За ракометарките на Будуќност денешниот пораз беше шести во низа.

Црногорскиот шампион иако имаше лош старт во првите петнаесетина минити, сепак до крајот на првото полувреме успеа целосно да се врати во игра и одлично да му парира на поискусниот противник. Првото полувреме заврши нерешено, 13:13.

Ракометарките од Будимпешта во вториот дел со серија од три гола стигнаа до минимално водство од 20:19. Будуќност во последните петнаесетина минути започна да влегува во серија на грешки, а расположените бекови на гостинската екипа речиси погодуваа без грешка и започнаа да создаваат солидна предност која беше сочувана до последната секунда.

Најефикасна во победничката екипа беше репрезентативката на Холандија, Ангела Малештајн со девет гола. Во екипата на Будуќност листата на стрелци ја предводеше црногорската репрезентативка, Матеа Плетикосиќ со седум гола.

Интересно беше и во Букурешт, каде ЧСМ, иако водеше со 29-27, прими три гола во серија во финишот и беше поразен со 29-30 од францускиот Брест Бретањ. Во преостанатите натпревари од Лигата на шампионите победа остварија екипите на Ѓер и Вајперс Кристијансад.

ЛИГА НА ШАМПИОНИ – ЖЕНИ, РЕЗУЛТАТИ, 6. КОЛО

ГРУПА А

БУДУЌНОСТ – ФТЦ БУДИМПЕШТА 26:30 (13:13)
ЧСМ БУКУРЕШТ – БРЕСТ БРЕТАЊ 29:30 (16:14)

ГРУПА Б

ЃЕР – САВЕХОФ 41:19 (20:9)
КРИМ – ВАЈПЕРС КРИСТИЈАНСАД 26:27 (16:10)